Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села попладнево поднесе оставка од претседател на партијата Алијанса за Албанците, по неуспехот на вчерашните избори за нов Совет на Тетово.
На денешна прес-конференцијата во Тетово, по одржаниот состанок на Претседателството на партијата, Села најави дека повеќе нема да се кандидира за претседател на партијата, бидејќи, како што рече, според статутот на партијата тоа право го има само двапати.
На вчерашните избори, Алијанса за Албанците не освои ниту еден мандат во Советот на Општина Тетово.
Партијата БЕСА освои најмногу гласови по изборите за нов Совет во Општина Тетово, според резултатите што ги објави Државната изборна комисија.
БЕСА освои вкупно 12 мандати, а потоа следуваат ДУИ со 11 мандати, ВМРО-ДПМНЕ со четири мандати, СДСМ со два мандата.
По еден мандат во Советот на Општина Тетово имаат освоено Алтернатива и ДПА.
Вчера, освен изборите за нов Совет на Тетово, гласање за градоначалници имаше во општините Центар Жупа и Маврово-Ростуше.
Во Општина Центар Жупа, Аријан Ибрам од СДСМ беше единствен кандидат и е изрбан за градоначалник, откако по две неуспешни гласања беше постигнат потребниот цензус.
СДСМ прогласи победа и во Маврово-Ростуше, откако нивниот кандидат Медат Куртовски освои повеќе гласови од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Мевмед Џафери.
Во Општина Маврово-Ростуше, Куртовски добил над 60 отсто од гласовите за избор на градоначалник, а за Џафери околу 35 отсто, според податоците на ДИК.