Зеленски предупредува на „сурови“ руски акции на Денот на независноста

UKRAINE – President of Ukraine Volodymyr Zelenskyy during a joint press conference with UN Secretary General. Lviv, August 18, 2022

Руските сили денеска гаѓаа повеќе локации во јужна Украина со артилериски и ракетен оган, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека во наредните денови Москва би можела да направи нешто особено „сурово“, бидејќи Киев одбележува 31 година од независноста.

„Русија би можела да се обиде да направи нешто особено одвратно, особено сурово“, рече Зеленски во неговото денешно обраќањето.

„Една од клучните цели на непријателот е да нѐ понижи и да сее очај, страв и конфликт, но ние мора да бидеме доволно силни да се спротивставиме на сите провокации и да ги натераме окупаторите да платат за нивниот терор“, додаде Зеленски.

Денот на независноста на Украина на 24 август одбележува шест месеци откако Русија започна неиспровоцирана инвазија на својот сосед.

Има информации дека Москва ќе им суди на украинските борци заробени за време на опсадата на Мариупол, со што би се совпаднало со годишнината од независноста на Украина.

Во североисточниот град Харков, гувернерот објави полициски час од вечерта на 23 август до утрото на 25 август.

„Нема да дозволиме никакви провокации. Бидете максимално внимателни за време на нашиот празник на независноста“, напиша Олех Сињехубов на Телеграм.

Харков, вториот по големина град во Украина, со недели беше под континуирано руско бомбардирање, а на 21 август службите за итни случаи соопштија дека уште двајца цивили биле убиени во ракетни напади во текот на ноќта.

„Четири цивили загинаа од руски оган во Доњецк“, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко.

Руските поморски сили истрелаа пет проектили од Црното Море во текот на ноќта во неделата, од кои два беа соборени од воздушната одбрана над регионот на Одеса, соопшти украинската регионална администрација. Останатите три паднале врз земјоделски објект и нема повредени.

Гувернерот на Днепропетровск Валентин Резниченко напиша на Телеграм дека градот Никопол, кој се наоѓа на другата страна на реката Днепар од нуклеарната централа Запорожје, бил гранатиран во пет различни прилики во текот на истата ноќ.

Резниченко рече дека 25 артилериски гранати го погодиле градот, предизвикувајќи голем пожар во индустриски простории и прекин на електричната енергија за 3.000 жители.

Јужниот град Миколаев беше погоден со повеќе ракети С-300 рано утрото на 21 август, изјави на Телеграм Виталиј Ким, шеф на регионалната администрација.

Руското Министерство за одбрана на 21 август соопшти дека ракетите „Калибр“, лансирани од море, уништиле складиште за муниција во кое имало ракети за ракетните системи ХИМАРС од американско производство и други противвоздушни системи произведени од Запад во украинскиот регион Одеса. Тврдењето не можеше да се потврди независно.

Во Москва, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 21 август изјави дека Русија три пати користела хиперсонични ракети Кинжал (Кама) од почетокот на инвазијата на Украина.