Уште четири брода со прехранбени производи ги напуштија украинските пристаништа на Црното Море, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.
Со тоа, според договорот за извоз на жито со посредство на ОН, вкупниот број на бродови што ги напуштија украинските пристаништа на Црното Море достигна 31.
Пред договорот кој беше постигнат минатиот месец, украинскиот извоз на жито беше блокиран неколку месеци поради неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина, што ги зголеми стравувањата од глобална криза со храна.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, говорејќи на прес-конференција во Истанбул на 20 август, рече дека според договорот за обновување на извозот на жито од Украина, веќе се извезуваат повеќе од 650.000 метрички тони жито и друга храна.
Тој, исто така, рече дека Обединетите нации соработуваат со Соединетите Држави и Европската унија за да ги надминат пречките за руската храна и ѓубрива да стигнат до светските пазари.
„Другиот дел од овој пакет договор е непречен пристап до глобалните пазари на руска храна и ѓубрива, кои не се предмет на санкции“, рече Гутереш.