Илјадници работници на најголемото британско пристаниште за контејнери денеска започнаа со осумдневен штрајк, поради спор за платите со нивниот работодавец.
Работниците, вклучително и возачи на кранови и оператори на машини, ќе ги напуштат своите работни места во пристаништето Феликсстоу на југоисточниот брег на Англија, каде што минуваат околу 2.000 бродови годишно натоварени со четири милиони контејнери.
Ова е во просек 48 отсто од вкупната трговија со контејнери во Велика Британија.
Штрајкот на пристанишните работници доаѓа во време кога штрајкуваат железничарите, кои бараат повисоки плати поради поскапувањето на храната и енергијата.
Се поголем број синдикати планираат штрајкови додека Велика Британија се соочува со најголемата криза поради најголемиот пораст на трошоците за живот.
Последните податоци покажуваат дека инфлацијата е 10,1 отсто, што е највисока во последните 40 години.
Штрајкот го најавија и поштенските работници, адвокатите, вработените во Британскиот телеком и градските санитарни работници.