Двајца Руси и Украинец се обиделе да влезат во албанска фабрика за оружје

Илустративна фотографија - специјални сили на Албанија.

Двајца албански војници се повредени додека запирале двајца руски и еден украински државјанин кои се обиделе да влезат во фабрика за воена опрема во централна Албанија.

„Тројца државјани со руски и украински пасош се обидоа да влезат во фабриката. Војниците кои ја обезбедуваа фабриката одговорија без одлагање, но при нивните напори да ги спречат тројцата странци, двајца војници беа повредени“, соопшти на 20 август албанското Министерство за одбрана.

Уапсени се тројца странски државјани, додаваат од Министерството.

Во меѓувреме полицијата ги соопшти околностите на настанот, наведувајќи дека во близина на кругот на фабриката бил пронајден непознат државјанин со камера во раката, кој се обидувал да ги фотографира просториите во воената зона.

Во моментот кога двајца војници кои го обезбедувале објектот го забележале и му пришле да го застанат и да го уапсат, странскиот државјанин возвратил со „спреј за парализа на нервите“, но војниците кои го обезбедувале погонот успеале да го совладаат, објаснуваат од полицијата.

Албанскиот премиер Еди Рама се обрати до јавноста и изјави дека уапсените Руси се обвинети за шпионажа и дека е горд на војниците кои ги неутрализирале тројцата странски државјани.