СAД планираат да купат 150.000 метрички тони украинско жито за дистрибуција до сиромашните земји преку Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP).
Шефот на WFP Дејвид Бисли изјави за АП за време на посетата на Кенија на 20 август дека допрва треба да се утврдат крајните дестинации за житото.
Бисли рече дека брод со 23.000 метрички тони украинско жито се очекува да се закотви во Џибути на 26 или 27 август. Се очекува пратката да обезбеди оброци за 1,5 милиони луѓе во Рогот на Африка за период од еден месец. Луѓето во регионот се соочуваат со суша и смртоносен конфликт.
Тоа е „совршена бура над совршена бура, цунами на врвот на цунами“, рече Бисли, истакнувајќи го и големиот пораст на цените на храната и енергијата, делумно предизвикан од руската неиспровоцирана инвазија на Украина.
Украина беше изворот на половина од житото што WFP го користеше за да нахрани околу 130 милиони луѓе минатата година, но пратките беа запрени кога украинските пристаништа беа затворени по рускиот напад.
Во јули, Русија и Украина постигнаа договор со посредство на ОН за конечно рестартирање на извозот на жито. Оттогаш, околу 25 бродови ги напуштија украинските пристаништа и носеа жито.
Бисли ги повика земјите од Персискиот залив да го следат примерот на САД и да финансираат помош во храна, „особено затоа што тоа се нивни соседи, тоа се нивните браќа…“.
„Дури и да заврши оваа суша, ние зборуваме за глобална криза со храна барем уште 12 месеци“, додаде тој.
„Но, во однос на најсиромашните од сиромашните, ќе бидат потребни неколку години за да се излезе од ова“.