Претседателот на Делегацијата на Европскиот парламент (ЕП) за соработка со Црна Гора, Владимир Билчик, денеска на Твитер напиша дека по изгласувањето недоверба на црногорската Владата, на земјата сега ѝ е потребна „вистински проевропска влада“.
Тој додаде дека е потребна влада „која ќе им даде приоритет на стратешките реформи на ЕУ пред тесните политички интереси“.
„Црна Гора може да се приклучи на ЕУ кога успешно ќе реши некои тешки домашни политички задачи. Ние сме подготвени да помогнеме“, напиша Билчик.
Собранието на Црна Гора по 12 часа дискусија ѝ изгласа недоверба на Владата на Дритан Абазовиќ, на 20 август, еден час по полноќ.
Иницијатива за гласање недоверба на Владата поднесоа 36 пратеници на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ и дел од партиите на владејачкото мнозинство поради, како што наведоа, запирање на Црна Гора на патот кон Европската унија и подигање на тензии во општеството.
Од вкупно 81 пратеник, 50 пратеници на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, Демократската партија на Црна Гора на Алексе Бечиќ, Социјалдемократската партија, Социјалдемократите, Бошњачката партија, Демократскиот сојуз на Албанците и десницата на Црна Гора гласаше за соборување на Владата.
Против беше претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ од Социјалистичката народна партија.
Другите пратеници од просрпскиот Демократски фронт, Социјалистичката народна партија, Демос и Граѓанското движење УРА на Абазовиќ не присуствуваа на гласањето.
Владата на Абазовиќ отсега ќе функционира во технички мандат, односно до изборот на нова влада. Абазовиќ по изгласувањето недоверба на новинарите им изјави дека нема да учествува во новата влада.
Дритан Абазовиќ беше првиот премиер на Црна Гора кој припаѓа на малцинска национална заедница. Во претходната влада на Здравко Кривокапиќ беше потпретседател. По иницирањето на рушењето на владата на Кривокапиќ во февруари оваа година, Абазовиќ стана нов премиер со помош на Демократската партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ.
Падот на Владата отвора можност за формирање на нова, трета Влада, врз основа на изборните резултати од парламентарните избори во август 2020 година.