Претседателот на Државнат изборна комисија Александар Даштевски изјави дека гласањето во Тетово се одвива во мирна и демократска атмосфера.
Тој додаде дека имало мали технички пропусти на кои им укажале на избирачките одбори, но дека некои биле исправени веднаш.
„Се функционира во ред. На некои места имаше објавени списоци само на албански, немаше на македонски. Тоа е технички пропуст и им укажавме дека доколку има, да ги закачат да не биде пропуст да биде двојазично. Тоа се мали детали што ги утврдивме“, изјави Даштевски.
Инаку, избори денеска се одржуваат во општините Тетово, Маврово-Ростуше и во Центар Жупа.
Граѓаните на Тетово гласаат на вонредни избори за советници, откако во мај годинава Владата го разреши тетовскиот Совет.
Во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа се одржуваат нови избори за градоначалник, бидејќи на претходните немаше потребна излезност за да се постигне цензус.
До 11 часот и 30 минути во Општина Тетово гласале 6,71 проценти или 5642 гласачи. До истиот термин во Маврово и Ростуше гласале 14.11 отсто или 1404 гласачи, а во Центар Жупа 14, 47 проценти или 1305 гласачи излезени, според податоците на ДИК.
Даштевски рече досега на сите три места има 20 приговори за избирачко право, од кои 50 отсто биле решени веднаш, а дека другите се во постапка.