Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава: ББ- со стабилен изглед.
Агенцијата наведува дека стабилниот изглед се должи на проактивното креирање политики на Владата за ублажување на кризата произлезена од руско-украинската војна.
Исто така, агенцијата ги истакнува напорите на Владата во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како што е новиот Закон за буџети којшто предвидува реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.
Од Министерството за финансии соопштија дека задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од руско-украинската војна, енергетската и ценовната криза е од исклучително значење за земјава.
„Бидејќи претставува позитивен сигнал и јасен показател за довербата на инвеститорите во политиките што се водат во земјата“, наведуваат од Министерството за финансии.
Народната банка денеска исто така оцени дека потврдата на кредитниот рејтинг на земјава од страна на кредитната агенција „Стандард и Пурс“ е силен сигнал за макроекономската и финансиската стабилност на државата.
Народната банка во денешното соопштение наведува дека во извештајот на кредитната агенција „Стандард и Пурс“ се вели дека не се очекуваат промени кај фиксниот курс на денарот врзан за еврото.
Во извештајот, исто така, се посочува на ефектите од растечките цени на енергенсите на девизниот пазар, при што очекувањата на „Стандард и Пурс“ се дека овие притисоци ќе се намалуваат со постепеното намалување на цените на енергијата, наведуваат од Народната банка.
„Притоа, кредитната агенција укажува на приливите на странските директни инвестиции коишто се стабилни, како и на надворешното задолжувањe на државата како фактори што ќе обезбедат дополнителна поддршка на девизните резерви“, се вели во соопштението од Народната банка.
НБ вели дека во извештајот за кредитниот рејтинг на „Стандард и Пурс“ стои дека врските на македонскиот финансиски сектор со Русија се ограничени и дека земјава не се соочила со последици од санкциите врз подружниците на руските банки.
„Забележуваат дека првичниот ефект од почетокот на војната во Украина врз депозитите е стивнат, при што Агенцијата не очекува значителни дополнителни повлекувања на депозити или нивна конверзија во странска валута“, велат од НБ.
Во извештајот се нотира и дека стапката на нефункционални кредити останува ниска на 3 проценти, а стапката на адекватност на капиталот е стабилна на 17 проценти, со што тој и понатаму останува здрав и стабилен.
„Од страна на „Стандард и Пурс“ се посочува и на досега преземените мерки на Народната банка коишто се во насока на стабилизирање на инфлацијата, но и зголемување на преференците за располагање со домашна валута и дополнително зајакнување на капацитетот на банките за справување со шокови“, наведува Народната банка во денешното соопштение.
Во извештајот на „Стандард и Пурс“ се оценува дека земјава ќе ги надмине влијанијата од конфликтот во Украина и дека се очекува растот на економијата да зајакне во 2023 година, по прогнозираното забавување на растот во 2022 година.
„Инфлацијата ќе опаѓа како што се намалуваат ценовните притисоци“, се вели во извештајот, во кој се додава дека ризиците произлегуваат од руско-украинскиот конфликт и дека напредокот во процесот на ЕУ интеграцијата е основа за структурен и институционален развој што би ги поддржале економските перспективи.
Од „Стандард и Пурс“ за дефицитот посочуваат дека тој во 2022 година ќе изнесува 5,1 проценти со постепена консолидација во наредните четири години. Зголемувањето се должи на потребата да се обезбедат средства за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и подобрување на животниот стандард, повисоки пензии, ликвидност на стопанството, субвенции во земјоделскиот сектор.