Напад со дрон врз штабот на руската Црноморска флота во Крим

Илустративна фотографија - Архива: Воен брод на руската Црноморска флота во Севастопол, Крим. 5 октомври 2018 година.

Седиштето на руската Црноморска флота во окупираниот укрански регион на Крим беше погодено рано денеска во напад со беспилотно летало, објави администратор инсталиран од Русија.

Михаил Развозаев, поставен од страна на Москва како администратор на пристанишниот град Севастопол, на Телеграм објави дека дронот паднал во покривот на зградата и дека нема жртви.

Инцидентот се случи само еден ден откако Москва потврди дека вицеадмиралот Виктор Соколов ја презел функцијата командант на флотата, по серијата неуспеси.

Ова е втор пат седиштето на флотата да биде нападнато од дрон. Кон крајот на јули, Севастопол ги откажа своите прослави по повод празникот Денот на морнарицата на Русија, откако бомба фрлена од дрон повреди шест лица.

Во април, ракетниот крстосувач Москва, потона во близина на Крим. Русија тврди дека експлозија на муниција предизвикала штета што го потопила бродот, додека Украина тврди дека го потопила бродот со ракетен напад.

На 9 август, руската воена воздухопловна база на Крим беше потресена од неколку експлозии во кои беа уништени најмалку девет воени авиони.