По дванаесет часа дискусија, на 20 август еден час по полноќ Собранието на Црна Гора ѝ изгласа недоверба на Владата на Дритан Абазовиќ.
Од вкупно 81 пратеник, 50 пратеници гласаа за соборување на Владата, меѓу кои пратениците на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, Демократската партија на Црна Гора на Алекса Бечиќ, Социјалдемократската партија, Социјалдемократите, Бошњачката партија, Демократскиот сојуз на Албанците и десницата на Црна Гора.
Против беше претседателката на Собранието Даниела Ѓуровиќ од Социјалистичката народна партија.
Другите пратеници од просрпскиот Демократски фронт, Социјалистичката народна партија, Демос и Граѓанското движење УРА на Абазовиќ не присуствуваа на гласањето.
„Изјавувам дека Владата на Црна Гора ја загуби довербата“, рече по гласањето претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ.
Владата на Абазовиќ отсега ќе функционира во технички мандат, односно до изборот на нова влада.
Во завршниот говор Дритан Абазовиќ, сега веќе поранешен премиер, изрази надеж дека претседателот на Црна Гора наскоро ќе му даде мандат на новото мнозинство за состав на новата Влада, или во спротивно ќе има нова нестабилност.
„Црна Гора ги преминува нивоата на демократијата. Вечерва победи Демократската партија на социјалистите со помош на дел од опозициските сили. Наскоро ќе се сретнеме сите заедно на изборите“, рече Абазовиќ заблагодарувајќи им се на министрите.
Абазовиќ беше премиер 115 дена. Тој беше првиот премиер на Црна Гора кој припаѓа на малцинска национална заедница.
Во државниот врв се најде по изборите во 2020 година, кога заврши триесетгодишното владеење на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ. Во тоа време, Граѓанското движење УРА на Абазовиќ беше „врвот на рамнотежа“ за формирање на нова влада во Црна Гора.
Абазовиќ беше потпретседател во претходната влада на Здравко Кривокапиќ. Откако во февруари годинава го иницираше уривањето на Владата на Кривокапиќ, Абазовиќ на крајот на април оваа година стана нов премиер со помош на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ.