Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил да бидат испратени експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во окупираната нуклеарна централа Запорожје во Украина.
Во соопштението се наведува дека Макрон во денешен телефонски разговор со Путин изразил загриженост за безбедносните ризици во нуклеарната централа и дека двајцата лидери се договориле да продолжат разговорите во наредните денови.
Нуклеарната централа во Запорожје беше заземена од Русија во март, набргу по започнувањето на инвазијата врз Украина на 24 февруари.
Најголемата европска нуклеарна централа неколкупати беше на удар на оган во последните недели, по што се зголемија стравувањата од нуклеарна катастрофа. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на електраната.
Москва ги отфрли меѓународните повици за демилитаризација на Запорожје, а Путин во телефонски разговор со францускиот претседател го обвини Киев за гранатирање на нуклеарната централа и предупреди на „опасност од катастрофа од големи размери“, се вели во соопштението на Кремљ по разговорот.
Според Кремљ, Макрон и Путин ги поканиле експертите на МААЕ да го прегледаат објектот „што е можно поскоро“ и „да ја проценат фактичката состојба на теренот“.
„Руската страна ја потврди подготвеноста да им ја даде потребната помош на инспекторите на МААЕ“, се вели во соопштението.