Финската премиерка Сана Марин објави дека се тестирана на дрога по објавените видео снимки од забава на која била со пријатели и повтори дека никогаш не користела нелегални дроги.
„Во последните неколку дена имаше прилично тешки јавни обвинувања дека сум била на место каде што луѓето се дрогирале или дека јас сум се дрогирала“, рече Марин на денешна прес-конференција.
„Ги сфаќам овие наводи многу сериозно и, иако верувам дека барањето за тест за дрога е неправедно, заради моја правна заштита и да ги разјаснам сите сомнежи, денеска направив тест, чии резултати ќе бидат достапни во рок од една недела“, рече таа.
Финската премиерка Марин истакна дека за време на забавата не била нарушена нејзината способноста за извршување на обврските и дека би ја напуштила забавата доколку морала да оди на работа.
Марин додаде дека секој граѓанин може да суди за нејзините постапки на изборите.
Видеата на кои Марин се забавува со познати фински инфлуенсери и уметници почнаа да кружат на социјалните мрежи оваа недела, а набрзо беа преземени од неколку медиуми во Финска и во странство.
На видеата се гледаат шест луѓе кои танцуваат пред камера, меѓу кои и премиерката. Подоцна во видеото, Марин клечи на нешто што изгледа како подиум за танцување со рацете зад главата, танцува и пее.
36-годишната Марин, која во декември 2019 година стана најмладиот премиер на Финска, се соочи со повици од членовите на нејзината владејачка коалиција, како и од опозицијата да направи тест за дрога откако се појавија видеата.
Лидерката на социјалдемократите изјави дека никогаш не се дрогирала и дека не видела некој да го прави тоа на забавата на која присуствувала.
Додека многумина ја пофалија Марин за комбинирање на нејзината работа со активен приватен живот, други се сомневаа во нејзината одлука.
Во време кога Европа се опоравува од војната во Украина, Марин, исто така, се соочи со критики дека нејзината забава може да ја попречи нејзината способност брзо да ги извршува своите должности доколку Финска биде погодена од ненадејна криза.
„Доколку имаше кризна ситуација, ќе знаев за тоа пред полноќ во сабота навечер“, им рече таа на новинарите, додавајќи дека финските вооружени сили се добро опремени да предвидат каква било воена криза што може да ја зафати земјата.
Финска, која дели долга копнена граница со Русија, аплицираше заедно со соседна Шведска за влез во НАТО по почетокот на војната во Украина.