Најголем дел од јавните набавки за стоки и услуги во време на ковид-пандемијата биле спроведени со преговарање без објавување оглас поради итност. Антикорупциската комисија која по сопствена иницијатива отвори предмет, на денешната седница одлучи да го запре постапувањето со заклучок дека корупција не може да се потврди поради тоа што слабостите се должат пред се на немање ефикасен систем за набавки во вонредни услови и дека пандемискиот период бил „хаотична ситуација“ во целиот свет.
Катица Николовска, член на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), образложувајќи го предметот соопшти дека во нивната анализа избрале одредени јавни набавки на неколку институции – Владата на РСМ – Генерален секретаријат, Град Скопје, ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“, Институт за белодробни заболувања кај деца Козле, ЈЗУ Клиничка болница Штип, Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство, Општина Бутел, УКИМ – Медицински факултет.
Од нив побарале и добиле документација за набавките, а од Државниот завод за ревизија побарале ревидирање на постапките за да се утврди незаконитост при спроведувањето и ДЗР го објавил извештајот на неговата веб-страница.
Извештајот нотира бројни слабости при реализација на договорите за набавките и не е обезбедена задоволителна транспарентност, посочи Николовска.
- Државните прослави и до четири пати поскапи од децениските фестивали
- Со кожен волан и шест звучници полесно се лекува ковид-19
Поради итност на набавките не е вршено квалитетно планирање на набавките и покани за преговарање се доставени до помал број економски оператори и без анализа на количините на средства и опрема што се потребни. Дел од тендерските документации не им обезбедувале на економските оператори целосни и прецизни информации во врска со начинот на спроведување на постапките и не е обезбедена конкурентност за економските оператори.
При анализата ДКСК предвид ги имала и полугодишните извештаи од мониторингот на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации кои, како што рече Николовска, постојано укажуваат на огромни разлики во цените за набавка на ист производ. Сепак посочи на вонредните услови во кои се правеле набавките и пречките со кои се соочувале економските оператори – зависност од увоз поради немање сопствено производство, обезбедување на транспортот врз кој влијаело и затворените граници итн.
„Во една таква хаотична ситуација која владееше не само во Македонија, туку во целиот свет, кога побарувачката за овие стоки беше изместена од нормала на светско ниво, сметам дека е прилично големо постигнување да се обезбедат потребните средства, па дури и во поголеми количини за да се спасат човечки животи, рече Николовска.
Според ДКСК, треба да се воведе база на референтни цени и така да се надмине шареноликоста на цените за ист производ што го набавуваат различни институции.
Проблем и натаму се јавните набавки на добра кои не може да се класифицираат како неопходни во услови на ковид, а и во сегашната економска криза. Тука беа посочени набавките на возила во рангот на луксузни. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска соопшти дека се набавени 150 возила со вкупна вредност од над 3,6 милиони евра, односно луксузни возила со поединечна вредност од 20.000 до 40 000 евра за коишто, рече, не се гледа потреба да се купуваат, особено во време на пандемија.