Половина од руските контролори на летови се отпуштени бидејќи западните санкции ја погодија туристичката индустрија во земјата, изјави претставник на синдикатот.
Сергеј Ковалев, претседател на Руската Федерална унија на контролори на летање, ја дал изјавата во жалбата до Генералното обвинителство на почетокот на неделава, јавуваат руските медиуми.
Русија има околу 30.000 контролори на летот, што укажува на тоа дека 15.000 се отпуштени. Руската воздухопловна индустрија, во голема мера зависна од западната технологија и западните рути, беше меѓу најтешко погодените од опсежните санкции предизвикани од инвазијата на Москва на Украина.
Соединетите Држави и нивните сојузници забранија продажба на авиони и делови за авиони на Русија, додека Европската унија и забрани на Русија да го користи нејзиниот воздушен простор.
Русија има традиција да го намалува работното време наместо да отпушта работници за да ги намали трошоците за работна сила за време на економски кризи.
Присилниот одмор може да трае од неколку дена до неколку месеци, а работниците добиваат две третини од основната плата, според руските закони. Околу 135.000 руски работници беа на принуден одмор, изјави министерот за труд Антон Котјаков во јуни. Многу од нив се од руската автомобилска индустрија, која за малку ќе престанеше да работи во мај поради санкциите.