Косовскиот премиер Албин Курти во пресрет на бриселскиот дијалог со претседателот на Србија не ја исклучи можноста косовската Влада да се откаже од издавањето привремени документи за српските државјани доколку од тоа се откаже и официјален Белград. „Можно е да не издаваме документи на 1 септември, бидејќи и Србија ќе се откаже од издавањето документи на граничните премини со Косово. Сакаме односи на реципроцитет“, рече Курти. Тој вчера во Брисел се состана со претставникот на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак и со претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. И српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел имаше средби и со Лајчак и Ескобар. Курти и Вучиќ претходно се сретнаа со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на одвоени средби во Брисел.
Столтенберг – НАТО е подготвен да интервенира ако стабилноста на Косово биде загрозена
Столтенберг потоа рече дека на Белград и Приштина е да избегнат ескалација на ситуацијата и дека мисијата на НАТО на Косово (КФОР) е подготвена да интервенира во случај на дестабилизација на ситуацијата. Ова беа подготвителни средби пред денешните разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, како дел од дијалогот со посредство на ЕУ. Курти и Вучиќ беа поканети на дијалогот по порастот на тензиите на северот на Косово на 31 јули. Косовските Срби подигнаа барикади во знак на незадоволство од потегот на Владата на Косово да ги спроведе одлуките за автомобилски таблички и документи за влез и излез на граѓаните на Србија. Барикадите беа отстранети откако Владата го одложи спроведувањето на одлуката за 1 септември.