Русија предвидува дека приходите од извоз на енергенси годинава ќе се зголемат за речиси 100 милијарди долари, поради тоа што зголемените цени на енергенсите го неутрализираат намалувањето на обемот на производство, објави Ројтерс, цитирајќи владини документи.
Руското Министерство за економија сега очекува приходите од извоз на енергија во 2022 година да достигнат 338 милијарди долари, за разлика од минатата година кога беа 244 милијарди долари.
Скокот на приходите, ако се оствари, ќе помогне за зајакнување на руската економија во услови на големи западни санкции кои остро погодија некои од индустриските гранки.
Тоа исто така може да му овозможи на претседателот Владимир Путин да ги зголеми платите и пензиите во време кога руската економија западна во рецесија, а инфлацијата го намалува животниот стандард.
Извозот на енергенси сочинува околу половина од федералниот буџет на Русија.
Руското Министерство за економија предвидува дека просечната цена за извоз на природен гас ќе се зголеми повеќе од двојно оваа година на 730 долари за 1000 кубни метри, пред да почне постепено да паѓа до крајот на 2025 година, покажуваат документите во кои Ројтерс имал увид.
Рускиот извоз на природен гас годинава ќе се намали за 15 проценти поради влошените односи меѓу Москва и Брисел поради војната во Украина.
ЕУ објави дека сака да ја намали зависноста од природен гас од Русија, која со години беше најголемиот снабдувач со гориво на Унијата, во знак на протест поради инвазијата врз Украина.
Намалувањето на извозот во ЕУ само делумно ќе биде неутрализирано со зголемувањето на извозот во Кина.
Руското Министерство за економија очекува заработката од извоз на енергенси наредната година да биде 256 милијарди долари, повеќе од 2021 година, бидејќи цените на нафтата и гасот се намалуваат од речиси рекордните нивоа.
Генерално, руската економија се држи подобро од првично очекуваното поради санкциите, бидејќи порастот на приходите од енергенси ѝ дава можност на владата да им помогне на секторите кои се погодени од санкциите.
Министерството сега очекува падот на економијата годинава да биде само 4,2 отсто, а падот на реалната плата да биде 2,8 отсто. Претходно, Министерството предупреди дека падот на економијата може да биде 12 отсто, што би бил најголемиот пад во речиси три децении.