Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека мировните сили на Алијансата се подготвени да интервенираат ако се зголемат тензиите меѓу Косово и Србија, додека двете соседни земји се подготвуваат за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со посредство на ЕУ.
„Иако ситуацијата на терен се подобрува, одговорност на сите страни е, особено на претставниците на Белград и Приштина, да спречат повторна ескалација“, рече денеска Столтенберг на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, во пресрет на новата рунда разговори меѓу двете земји.
„Ги повикувам сите страни да покажат воздржаност и да избегнуваат насилства. НАТО продолжува внимателно да ја следи ситуацијата на терен. Нашата мировна мисија КФОР останува фокусирана на својот мандат од ОН. Ако стабилноста биде загрозена, КФОР е подготвен да интервенира“, рече тој.
Косово и Србија го почнаа дијалогот со посредство на ЕУ во 2011 година, со цел да се постигне сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на односите.
Вучиќ рече дека очекува „тешки“ разговори со косовскиот премиер Албин Куртин, затоа што двајцата „не се согласуваат речиси за ништо“.
Тој рече дека сака да избегне секаква можност за ескалација или конфликт.
Во јуни, двете земји се согласија да усвојат патоказ за спроведување на енергетските договори во рамките на дијалогот предводен од ЕУ.
Руската инвазија врз Украина ги засили повиците за забрзување на процесот на евроинтеграции не само на Косово и Србија, туку на целиот регион.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Србија не ја признава, иако најголем дел од членките на ЕУ го признаваат Косово.
Нормализацијата на меѓусебните односи се смета за клучно за напредокот на двете земји кон ЕУ.