Маричиќ: од идната година нови инвестиции со европски пари

вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ

„Се подобро ги искористуваме фондовите на Европската унија, но има простор за подобрување и ќе продолжиме. На почеток од 2023 година следува нова инвестициска офанзива со европски пари“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата. Маричиќ појасни дека на тековниот повик за инвестициски грантови, Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од околу 53 милиони евра и тоа два проекта од областа на енергетиката. Северна Македонија, како што посочи, учествуваше во сите 28 повици за техничка помош кои се досега објавени и на сите седум за инвестициски грантови, по одобрени 43 грантови во вредност од 2,6 милијарди евра за вкупна вредност на инвестиција од 421,4 милиони евра надополнети со заеми од околу 600 милиони евра. „Доаѓаме до скоро 230 евра по глава на жител што ја става Северна Македонија на второ место по искористеност на европски средства на инвестицискиот фонд за Западен Балкан веднаш по Црна Гора. На крајот на јули оваа година, ЕУ ги одобри првите проекти за спроведување на економскиот инвестициски план за Западен Балкан. Ние аплициравме со четири инвестициски проекти и добивме поддршка за секој од нив во износ од 225,6 милиони евра“, рече Маричиќ.

Државна финансиска поддршка за 280 компании кои ќе отворат 3.700 работни места

Одобрените прокети на последниот повик, како што појасни, се: за проектот изградба на железница меѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на Коридор 8 секција Крива Паланка – граница со Бугарија доделен е грант во износ од 149, 2 милиони евра, за проект за набавка на опрема за Осломеј 1 Фотоволтаична станица 1,6 милиони евра, за проект за набавка на опрема за фотоволтаичните централи Осломеј 2 и Битола грант во износ од 5 милиони евра, како и изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје грант од 69,8 милиони евра.