Милијардерот Илон Маск изјави дека се шегувал кога на Твитер напишал оти ќе го купи англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, „Не, ова е долготрајна шега на Твитер. Не купувам ниту еден спортски тим“, изјави Маск, на прашањето на еден корисник дали е сериозен за купување на клубот. Претходно, најбогатиот човек на светот, на Твитер објави дека го купува англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, без да понуди никакви детали. Маск има историја да објавува вакви твитови. Само четири месеци откако објави дека ќе го купи Твитер, Маск сега се обидува да излезе од договорот вреден 44 милијарди долари за купување на компанијата за социјални медиуми, што го изведе пред суд.
Спорот на Илон Маск и Твитер се сели во судница
Манчестер Јунајтед е едно од најпознатите имиња во светскиот фудбал, но моментално е во криза на теренот поради лутите повици од навивачите да се повлечат сегашните сопственици на клубот, американското семејство Глејзер. „Го купувам Манчестер Јунајтед“, напиша Маск на Твитер. Тимот со седиште во северна Англија има повеќе од 32 милиони следбеници на својот главен профил на Твитер, а твитот на Маск собра речиси 320.000 „лајкови“ на платформата во рок од три часа. Некои незадоволни навивачи на Јунајтед претходно го повикаа Маск да размисли за купување на клубот наместо Твитер. Некои корисници на потсмев го споредија најновиот твит на Маск со оној за Твитер, додека други изразија надеж дека е вистина.