Одбележувањето на три-деценискиот јубилеј на Армијата ќе биде со неколку настани. Денеска во 18.30 часот на Воениот стадион е предвидено заедничко дружење со граѓаните при што ќе биде презентирана најновата опрема, новите оклопни транспортери, вештините на армиските специјалци, а тоа ќе биде проследено и со музички изведби на воениот оркестар и повеќе изведувачи. Министерката за одбрана Славјанка Петровска по повод јубилејот изјави дека Армијата е национална гордост, дел од најмоќниот воено-политички сојуз - НАТО. „Тоа е Армија која забрзано се модернизира и тоа веќе станува видливо. Во среда на Воениот стадион, ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на подобрувањето на борбената готовност на Армијата. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот. Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против-воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“.
Одбраната на Балканот од можна агресија
Во контекст на одбраната, министерката посочи дека таа се трансформира согласно стандардите на НАТО, стратегијата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата. „Нашата основна цел е: Безбедни дома, одговорни во НАТО! Изработивме Концепт МКД Одбрана 2030, кој се состои од три главни столбови и пет мисии. Ова ја покажува нашата одлучност да бидеме активна членка на Алијансата”, потенцираше Петровска.