Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека разговарал со неговиот француски колега Емануел Макрон за како што вели, рускиот „нуклеарен тероризам“. Зеленски му ја опишал на Макрон ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје, на југот на Украина, која е под руска контрола и која е цел на напади.
Зеленски на својот профил на Твитер напиша дека му е благодарен на Макрон за „опипливата одбранбена помош“. Тој го повтори повикот за зголемени санкции против Русија.
Од Kабинетот на Макрон потврдија дека имало разговор, но не соопштија детали.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара создавање на демилитаризирана зона околу електраната Запорожје.
И ОН и нивното тело - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), рекоа дека на инспекторите на МААЕ треба да им се дозволи да ја посетат централата.
Гутереш, наводно, разговарал со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 15 август. И руското Министерство за надворешни работи инсистира дека ќе стори „сè што е потребно“ за да им дозволи на експертите на МААЕ пристап до објектот, кој се наоѓа во близина на линиите на фронтот во југоисточна Украина.
Исцрпените украински работници во централата се пожалија дека ги држат под закана со оружје, а операторот на централата, Енерхоатом, рече дека Русија подготвува ризичен маневар за да го пренасочи производството на енергија во Запорожје на мрежа која е под руска контрола.
Постојаниот претставник на Русија во МААЕ, Михаил Уљанов, во интервју за руската државна телевизија на 16 август призна дека ситуацијата во Запорожје претставува „опасност со која сите се соочуваат, бидејќи може да има голема контаминација или катастрофа слична на Чернобил под одредени услови“.
Улјанов ги повторува обвинувањата на Москва дека украинските сили и нејзините западни сојузници стојат зад неодамнешното гранатирање околу Запорожје, кое руските сили го зазедоа во март.
Киев вели дека руските трупи ја користат најголемата нуклеарна централа во Европа како воена база, вклучително и за складирање опасно оружје, и ја гранатираат областа.