Јовески ја суспендираше Русковска

Вилма Русковска

Решение за суспензија добила шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русовска, потврдува таа за Радио Слободна Европа.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство, соопшти Јавното обвинитество.

Додека трае кривичната постапка јавниот обвинител донел решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител.

Постапката е поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител.

Шефот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми на 8 август поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три обвинителки од Обвинителството за гонење организиран криминал за претресот во Управата неколку недели претходно. Освен за Русковска, поднесени се пријави и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршиле претресот.

Финансиската полиција претходно објави дека обвинителите доставиле до Судот лажни податоци за да добијат налог за претрес, со што е прекршен Законот за кривична постапка.

Потоа Русковска побара странска и владина помош против притисоците од владиниот функционер Муареми.