Државата ќе штеди струја, фасадите на институциите нема да светат навечер

Влада на Република Северна Македонија

Државните институции ќе треба да штедат струја, а за домаќинствата и компаниите има само препораки, откако Владата донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто, кои ќе треба да стапат од 1 септември, а ќе важат до 31 март следната година. Ако институциите не штедат, ќе има санкции, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Институциите ќе треба да го исклучат декоративното осветлување на фасадите, ниту спомениците нема да светат навечер, климите ќе бидат подесени на 27 во сезона на ладење и на 20 степени во сезона на греење, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од препораките за државните институции.

„Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас, туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. За полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претрпијатија во државна сопственост“, рече Бектеши ма денешната прес-конференција.

Тој рече дека нема да има рестрикции, ако сé оди според планот на ЕСМ.
Според Бектеши, во тек се редовни разговори со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија, за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.