Русија денеска обвини дека диверзанти стојат зад серијата експлозии во складиште за муниција на Крим, анектиран од Русија. Станува збор за ретко признание дека вооружените групи лојални на Украина ја оштетуваат воената логистика и линиите за снабдување на територијата што ја контролира. Инцидентот уследи по серијата експлозии во минатата недела во воздухопловната база на Крим за кои украинските власти навестија дека се дел од некаква специјална операција, но за која Москва тогаш рече дека е несреќа. Руското Министерство за одбрана во соопштение објавено од државните новински агенции денеска наведе дека никој не бил сериозно повреден во најновите експлозии, за кои, како што вели, оштетиле далноводи, електрична трафостаница, железничка инфраструктура и некои станбени делови во северен Крим.
Експлозија во руско складиште за муниција во северен Крим
Снимки на руската државна телевизија покажаа запалена електрична трафостаница во близина на градот Џанкој на Крим и серија големи експлозии на хоризонтот за кои властите рекоа дека биле предизвикани од детонирање на муниција во воена база. Не е јасно како саботери ги предизвикале експлозиите, иако руските државни медиуми шпекулираат дека можеби користеле мали беспилотни летала за бомбардирање на складиштето за муниција и други објекти. Засега Украина која се бори да ги потисне руските сили речиси шест месеци по војната што започна со инвазијата на Москва на 24 февруари не презеде одговорност.