Финска ќе го намали бројот на издадени визи за Русите на 10 отсто од сегашниот износ од 1 септември, изјави денеска министерот за надворешни работи Пека Хаависто. Тој објасни дека одлуката е донесена, бидејќи приливот на руски туристи почнал да ја користи Финска како порта кон европските дестинации за одмор, откако Русија ги укина граничните ограничувања поврзани со пандемијата пред еден месец. Само неколку дена откако Русија ја нападна Украина во февруари, Финска им се придружи на низата западни земји во затворањето на нивниот воздушен простор за руските авиони што им го отежнува патувањето на Русите во Европа. Финска и Балтикот заедно ќе предложат Европската унија да го прекине договорот за олеснување на визниот режим со Руската федерација што им го олеснува на Русите да патуваат во Европската унија, рече Хависто.
Германија нема да одговори на повикот за укинување на руските туристички визи
Некои лидери на ЕУ, како што се финската премиерка Сана Марин и нејзината естонска колешка Каја Калас, повикаа на забрана за визи за Русите во ЕУ, што германскиот канцелар Олаф Шолц го оспори, велејќи дека Русите треба да можат да ја напуштат својата земја ако не се согласуваат со режимот. Според правилата на Европската унија, туристот мора да аплицира за виза од земјата што има намера да ја посети, но може да влезе во Шенген зоната без гранична проверка од која било точка и да патува околу неа до 90 дена во период од 180 дена.