Обединетите нации ги отфрлија сугестиите дека стојат зад какво било доцнење со доаѓањето на меѓународните инспектори во нуклеарката во Запорожје, додека загриженоста се зголемува поради извештаите за гранатирање околу централата. Украинските и меѓународните предупредувања се интензивираа, а Русите наводно се подготвуваат да го пренасочат производството на енергија од Запорожје, која е најголемата нуклеарна централа во Европа и која има шест реактори дизајнирани од Советскиот Сојуз. ОН соопштија дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), дејствува независно, но оти украинската и руската страна мора да се договорат за посета.
Русија ќе дозволи посета на МААЕ на нуклеарната централа Запорожје ?
Коментарите на ОН уследија по ветувањето на Москва да направи „сè што е потребно“ за да им дозволи на експертите на МААЕ да го посетат Запорожје, а рускиот министер за одбрана, наводно, разговарал со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за ситуацијата во објектот. Увертирата на Москва дојде еден ден откако 42 земји од целиот свет потпишаа изјава во која ја повикуваат Русија да ги повлече своите вооружени сили од најголемата европска нуклеарна станица, велејќи дека нивното присуство претставува „голема опасност“. Во своето видео обраќање на 15 август, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека меѓународната заедница треба да дејствува за да спречи несреќа или други катастрофални настани во Запорожје поради руските акции. „Ако сега светот не покаже сила и решителност да одбрани една нуклеарна централа, тоа ќе значи дека светот изгубил. Ќе загуби од тероризмот и ќе попушти пред нуклеарната уцена“, рече Зеленски.