ЕУ ја осуди пресудата за поранешната лидерка на Мјанмар

Аунг Сан Су Чи

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ја осуди пресудата на опозициската активистка Аунг Сан Су Чи на шест години затвор под обвинение за корупција. Тој казната од страна на
судот воден од владејачката хунта во Мјанмар против 77-годишната политичарка и добитничка на Нобелова награда ја нарече „неправедна“ и повика да се почитува „волјата на народот“.

„Ја осудувам неправедната казна на Аунг Сан Су Чи на дополнителни шест години и го повикувам режимот во Мјанмар веднаш и безусловно да ја ослободи неа, како и сите политички затвореници и да ја почитува волјата на народот“, напиша на Твитер, Борел.

Поранешната лидерка на државата Су Чи е прогласена за виновна за злоупотреба на средства од организацијата што таа ја основала за промовирање на здравјето и образованието за изградба на дом и закупување на земјиште во државна сопственост по намалена цена.

Су Чи, која се наоѓа во самица во затвор во главниот град Рангун, веќе е осудена на 11 години затвор во други случаи покренати против неа од минатата година кога војската ја собори избраната влада предводена од нејзината партија откако победи на општите избори.