Заедничко чествување на пет историски личности и по пет препораки за измени во историските учебници за 5 клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија, досега постигнала заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Историските личности се од среден век, а учебниците се однесуваат на периодот на антиката. Договорено е заеднички да се чествуваат Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и Цар Самоил.
Препораките за учебниците и за историските личности се постигнати во 2019, но сега Министерството за надворешни работи ги објави, за да го испочитува рокот од Протоколот кој предвидува до 17 август да бидат објавени постигнувањата на заедничката Комисија.
Драги Ѓоргиев, копретседателот на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања со Бугарија на денешната прес – конференција изјави дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата.
„Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија“, рече Ѓоргиев.
Тој додаде дека Комисијата не расправа за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани, туку за тоа како се тие презентирани во учебниците по историја во двете земји и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските учебници и во македонските учебници.
Прашан во однос на тоа како ќе ги исполнат роковите за постигнување резлултати од нејзината работа, кои се содржани во Протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Ѓоргиев е дециден дека тој документ содржи само охрабрување од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе зависи од членовите на Комисијата.
Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави треба да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.