Силно гранатирање од страна на руските сили во источниот украински регион Доњецк беше објавено во текот на изминатата ноќ, а властите во Киев велат дека успеваат да одбијат многу од нападите додека повторно го заземаат теренот во јужниот регион Керсон. Претседателот Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање изјави: „И покрај силното и постојано бомбардирање од страна на руските сили, мора да се бориме на сите нивоа и на сите фронтови, да ја зајакнеме нашата држава колку што е можно, да го зачуваме нашето единство и да привлечеме уште повеќе земји на нашата антивоена коалиција. Колку ќе биде посилна Украина, толку ќе биде послаба Русија, и затоа, толку помалку време ќе трае оваа војна“. Тој додаде дека Киев се залага за нови санкции против Русија од страна на меѓународната заедница, особено оние кои се насочени кон движење на руски граѓани.
Украина цели кон руски складишта за оружје
Веќе неколку недели, украинската војска се обидува да ја постави основата за контраофанзива за враќање на јужниот украински регион Керсон, кој граничи со Крим и падна во рацете на Русите веднаш по инвазијата на 24 февруари. Особено тешки борби се фокусирани на селото Писки, во близина на аеродромот во Доњецк, соопшти денеска британското Министерство за одбрана, наведувајќи дека најверојатно Москва е во напредната фаза на планирање да одржи референдум со цел регионот да стане дел од Русија.
Медведев: „Несреќи може да се случат и во европските нуклеарни централи“
Во меѓувреме, ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје - најголемата нуклеарка во Европа - продолжува да биде извор на голема загриженост за меѓународната заедница. Русија не негира дека има војници лоцирани во централата, но ги оспорува тврдењата дека ја гранатирала областа. Наместо тоа, Москва ги обвинува украинските сили за гранатирање на областа, што властите во Киев го негираат.