Десетици земји ја повикаа Русија да ги повлече војниците од нуклеарната централа Запорожје

нуклеарната централа Запорожје, 4 август 2022 година

Четириесет и две земји од целиот свет потпишаа изјава во која ја повикуваат Русија да ги повлече своите вооружени сили од украинската нуклеарна централа Запорожје, велејќи дека нивното присуство претставува „голема опасност“. Во соопштението, објавено на веб-страницата на Европската унија на 14 август, се осудува неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина и се вели дека присуството на руските воени сили во централата - најголемата европска нуклеарка - ги спречува властите да ги исполнат обврските за нуклеарна и радијациска безбедност. „Неоспорно е дека руската инвазија и нејзиното континуирано присуство во нуклеарните постројки на Украина значително го зголемуваат ризикот од нуклеарни инциденти и несреќи“, се вели во соопштението.

Ситуацијата во украинската нуклеарна централа влегува во „сериозен момент“

„Ја повикуваме Руската Федерација веднаш да ги повлече своите воени сили и целиот друг неовластен персонал од нуклеарната централа Запорожје, нејзиното непосредно опкружување и цела Украина, така што операторот и украинските власти да можат да ги продолжат своите суверени одговорности во меѓународно признатите граници на Украина“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди во текот на викендот дека неодамнешното гранатирање на централата ја зголеми заканата од истекување на радијација. Русија не негира дека има војници лоцирани во централата, но ги оспорува тврдењата дека ја гранатирала областа.

Медведев: „Несреќи може да се случат и во европските нуклеарни централи“

Наместо тоа, Москва ги обвинува украинските сили за истрелување артилериски гранати во областа, што властите во Киев го негираат. Оваа изјава е издадена во име на Австралија, Австрија, Белгија, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Јапонија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Црна Гора, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Република Кореја, Молдавија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција, Обединетото Кралство, САД, како и Европската Унија.