Талибанците „не успеаја да воспостават инклузивен политички систем“, обвини Европската унија во пресрет на првата годишнина од владеењето на тврдокорното исламистичко движење. „Населението, вклучувајќи ги етничките и религиозните групи, а особено Хазарите и шиитското население, се соочува со институционализирана и системска злоупотреба на нивните економски, социјални, културни, граѓански и политички права“, рече Набила Масрали, портпаролка на ЕУ за надворешни работи.
Талибанците растурија протест на жени во Кабул
Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август 2021 година, враќајќи го тврдокорното движење на власт во Авганистан речиси 20 години откако беа соборени од американската инвазија по нападите на 11 септември 2001 година. Ниту една земја сè уште не ги признала талибанците. Откако првично сигнализираа дека ќе бидат поумерени отколку во претходниот период на власт, талибанците се свртеа кон тврда линија, рушејќи ги правата на жените, дозволувајќи малку критики и наметнувајќи поголема контрола врз печатот. Укорот на ЕУ доаѓа еден ден откако протестите на жените во Кабул беа насилно растерани од талибанците кои пукаа со пиштоли во воздух и ги претепаа демонстрантите кои бараа „леб, работа и слобода“.