Во пожар во коптска црква во Каиро загинаа 41 лица

Пожар во коптска црква во Египет

Во пожар во коптска христијанска црква во египетската престолнина Каиро загинаа 41 лица, соопштија тамошните црковни власти. Пожарот избувнал во неделата на 14 август.

Од засега непознати причини избувнал пожар во црквата Абу Сифине, која се наоѓа во работничкиот кварт Имбаба, соопштија официјални лица, јавува агенцијата Франс прес (АФП).

Претседателот на Египет Абдел Фатах ал-Сиси на својата страница на Фејсбук напиша дека се мобилизирани сите државни служби за да се погрижат да бидат преземени сите мерки.

Подоцна противпожарната служба соопшти дека пожарот е ставен под контрола.

Коптите се најголема христијанска заедница на Блискиот Исток. Во 103-милионскиот Египет има најмалку 10 милиони Копти.

Ова малцинство претрпе напади и се жали на дискриминација во доминантно муслиманскиот Египет, најголемата арапска земја.

Коптите претрпеа репресии од исламистите, особено откако Сиси го собори од власт поранешниот исламистички претседател Мохамед Морси во 2013 година. Исламистите тогаш палеа цркви, училишта и домови на Коптите.

Сиси е прв египетски претседател кој секоја година присуствува на коптска божиќна миса. Тој неодамна за првпат во историјата именуваше коптски судија на чело на Уставниот суд.

Египет претрпе неколку смртоносни пожари во последните години.

Во март 2021 година, 20 луѓе загинаа во пожар во текстилна фабрика во источно предградие на Каиро.

Во 2020 година, во два пожари во болници загинаа 14 пациенти заболени од ковид-19.