Украина цели кон руски складишта за оружје

Мост во Херсон уништен од нападите

Украински претставници соопштија дека уништиле „големи“ руски магацини со оружје и муниција во јужниот регион Херсон. Заменик шефот на регионалниот совет на Херсон, Јури Соболевски рече дека магацините се уништени во Нова Каховка и во Музикивка.

Неколку недели Украина се обидува да постави основа за противофанзива за враќање на контролата врз Херсон, кој се граничи со Крим и е под руска окупација речиси од почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Локален украински претставник вчера соопшти дека во украински напад бил оштетен последниот функционален мост на реката Днепар во регионот, што ги отежнува руските линии за снабдување.

Британското Министерство за одбрана вчера соопшти дека оштетувањето на мостовите преку Днепар значи дека „копненото снабдување на неколкуте илјади руски војници на западниот брег е речиси сигурно зависно само од двата понтонски премини со траекти“.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди руските сили да не ја користат нуклеарната централа Запорожје за воени цели. Во редовното ноќно обраќање, тој рече дека Украина ќе ги таргетира руските војници кои пукаат кон или од најголемата нуклеарна централа во Европа.

„Секој руски војник кој пука кон централата или пука користејќи ја централата како покритие, мора да разбере дека станува специјална цел на нашите разузнавачки агенти, на нашите специјални служби, на нашата армија“, рече тој.

Зеленски рече дека последните гранатирања на централата ја зголемиле заканата од истекување радијација и најави дека украинските дипломати и земјите партнери „ќе направат сè за да обезбедат“ новите санкции да ја блокираат руската нуклеарна индустрија.

Нуклеарката е под руска контрола од март, а во неа сè уште работат украински инженери под руски надзор.

Групата Г7 ја повика Москва да ги повлече силите од централата.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на централата.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана вчера објави дека нивните сили целосно ја презеле контролата врз Писки, село на периферијата на Доњецк, главен град на истоимената област, кој е под контрола на проруските сепаратисти од 2014 година.