Министрите од ДУИ упатија честитки за годишнината од Охридскиот договор

Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби

Охридскиот мировен договор е камен-темелник на сите демократски достигнувања на земјата, вистинскиот одговор на повиците за еднаквост, иницијатор на поглавјето на нашето европско патување, штитот на нашата непоколеблива прозападна определба, рече денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор.

„На овој голем ден за историјата на земјата, доволно е да размислиме за реалноста за да го разбереме големото влијание на овој документ што не ни дозволи да потонеме во бездната. Никој не изгуби од еднаквоста, напротив, подобро ги запознавме меѓусебните вредности и во соживот успеавме да се интегрираме во НАТО, да напредуваме значително на патот на интеграцијата во Европската унија со започнување на преговарачкиот процес“, рече Груби.

Министерството на чие чело е тој го организира одбележувањето на годишнината од Рамковниот. За таа цел ќе се потрошат речиси 100 илјади евра.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук ја честиташе годишнината од Договорот. Тој напиша дека Охридскиот рамковен договор е вредно наследство на оваа генерација и еден од клучните столбови на стабилноста и меѓуетничката кохезија на Северна Македонија.

И министерот за финансии Фатмир Бесими на Фејсбук напиша дека со Рамковниот договор земјата прерасна во единствена функционална мултиетничка демократија во регионот, земја за пример и рамноправен дел од меѓународната заедница.
Тројцата министри се кадри на ДУИ, коалиционен партнер во владата.

Со Охридскиот договор се стави крај на воениот конфликт во 2001 меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.