ВМРО-ДПМНЕ негодува за скапата прослава на Рамковниот

Фестивал на мирот во Скопје за прославата на Рамковниот договор

Фестивал на мирот во Скопје за прославата на Рамковниот договор

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прославата на Рамковниот договор. Прославата која ќе чини стотици илјади евра е приватна прослава на ДУИ и ниту Македонците, ниту Албанците не ја чувствува како своја, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање во врска со прославата и трошоците за Рамковен договор во кризни времиња.

Тој рече дека Рамковниот договор овозможи мир, но она што не можеше да го предвиди Рамковниот договор е криминалот на ДУИ кој се случи потоа.

„20 години една иста политичка елита го краде сопствениот народ. Денес гледаме дека Албанците подеднакво живеат несреќно како и Македонците“, изјави Лефков.

РСЕ веќе пишуваше дека одбележувањето на 21 годишнината на Охридскиот договор ќе чини речиси 100 илјади евра. А зад организирање на прославата е задолжена тетовската фирма Арбериа Десигн, која е задолжена да ги печати и свидетелствата за учениците.

Од владејачката СДСМ преку соопштение за годишнината од потпишувањето на договорот, велат дека по 21 година од потпишувањето на Рамковниот договор нема делби, туку инклузивно и мирно решавање на сите предизвици, посветеност на економскиот напредок и благосостојбата на сите граѓани.