Пронајдени 14 мигранти во близина на Богданци

Полиција, Северна Македонија

Полицијата од Богданци синоќа привела две лица под сомнение дека кримучареле мигранти. Двајцата приведени се од Штип.

Едниот од приведените, на 34-годишна возраст, со товарно возило превезувал 14 мигранти од Сирија, Индија и Пакистан.

Мигрантите биле откриени синоќа на регионален пат Прдејци-Смоквица. Вториот приведен на 44 годишна возраст е приведен под сомнение дека е инволвиран во делото криумчарење мигранти.

Мигрантите се сместени во Прифатно-транзитен центар Винојуг Гевгелија за понатамошна постапка, а против двете лица ќе биде поднесена кривична пријава.

На 11 август во сообраќајна несреќа во близина на Гевгелија, беа повредени 35 мигранти, откако камион „сканија“ со скопски регистарски таблички, во кој се превезувале мигрантите, излетал од патот. Во камионот се превезувале вкупно 49 мигранти.

Иако официјално т.н. балканска рута беше затворена уште во 2016 година, во ниту еден момент не престана движењето мигранти од земји како Авганистан, Сирија или Пакистан, преку Турција и Балканот, па се до посакуваните западни држави.