Едно лице од ранетите во вчерашното пукање во Цетиње е во животна опасност, соопштија денеска од Клиничкиот центар во Подгорица. Во болницата во Подгорица се згрижени четири лица кои се ранети – едно е стабилно, а тројца се на интензивна нега, од кои едно е во животна опасност.
Во соопштението се наведува дека уште двајца пациенти се надвор од животна опасност и се згрижени во болница во Цетиње.
Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост по крвавиот масакр во Цетиње во кој вчера беа убиени 11 луѓе, меѓу кои и напаѓачот, а шестмина се ранети. Денови на жалост ќе бидат сабота, недела и понеделник.
На лице место биле пронајдени деветмина убиени, а уште две лица им подлегнале на повредите во болница. Според информации на црногорски медиуми, напаѓачот имал 34-години.