Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост по крвавиот масакр во Цетиње во кој денеска загинаа 11 луѓе меѓу кои и напаѓачот, а шестмина се ранети
Дежурната обвинителка Андријана Настиќ по завршување на истрагата во Цетиње изјави дека на лице место биле пронајдени деветмина убиени.
Во меѓувреме, како што рече таа, од Клиничкиот центар на Црна Гора добиле информација дека уште две лица им подлегнале на повредите.
Во Цетиње денеска беа убиени 11 лица заедно со убиецот кој, како што рече Настиќ, го убил сограѓанин. Според информации на црногорски медиуми се работи за жител на Цетиње на 34-годишна возраст. Таа додаде дека шест луѓе се хоспитализирани, и дека меѓу загинатите има и две деца.
Претходно локалните медиуми објавија дека убиецот бил ликвидиран од полицијата.
Абазовиќ-Црна Гора не памети ваква трагедија
Градоначалникот Никола Ѓурашковиќ изјави дека Цетиње денеска доживеало страшна трагедија.
„Нашето Цетиње денеска доживеа незаборавна трагедија. Длабоко потресени од загубата на невини животи, искрено сочувствуваме со семејствата на жртвите и ранетите. Цетиње денеска е обединето во молитва за нашите сограѓани кои се жртви на бесмислен напад. Им благодарам на сите во Црна Гора и пошироко кои се со нас во овој тежок момент“, рече Ѓурашковиќ.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека денешниот настан во Цетиње е невидена трагедија што ја погодува цела Црна Гора.
Ѓукановиќ изрази сочувство до семејствата на загинатите.
„Длабоко сум потресен од веста за страшната трагедија во Цетиње. Изразувам најискрено сочувство до семејствата на загинатите, до сите оние кои ги загубија своите најблиски. Сите ние како општество мораме да се солидаризираме со нив во овие тешки моменти," напиша на социјалната мрежа Твитер претседателот на Црна Гора.