Абазовиќ-Црна Гора не памети ваква трагедија

Цетиње, Црна Гора

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ го осуди масакрот во Цетиње во кој се убиени најмалку 11 луѓе. Тој изјави дека Црна Гора не памети таква трагедија.

„Се случи трагедија каква што Црна Гора не памети. Ги повикувам сите граѓани на Црна Гора во мислите да бидат со семејствата на невините жртви, нивните роднини, пријатели и сите граѓани на престолнината Цетиње“, напиша тој на социјалната платформа Телеграм.

Единаесет лица се убиени и шестмина се повредени во денешниот инцидент кој се случи околу 16 часот во Цетиње, а црногорската полиција го уби напаѓачот.

Семејна кавга во Цетиње завршила со крвав масакр

Црногорскиот јавен радиодифузер јавува дека на трагедијата и претходел семеен конфликт, по што напаѓачот откако го убил своето семејство продолжил по случаен избор да пука во минувачи на улица. Напаѓачот пукал и кон полицијата, а во пресметката со полицајците е убиен.