Поради опасност од бегство на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев му е одземен пасошот, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје. Претходно Обвинителство соопшти дека денеска по распитот на Митрев и утврдување на определени околности е отворена истрага против него под сомнение за измама на пациенти.
Отворена истрага против Жан Митрев, осомничен е за измама на пациенти
Осомничениот, како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД-19 со методот на хемофилтрација.
Претходно во соопштението од приватната болница „Жан Митрев“ е посочено дека хемофилтрацијата е само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите.
„Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна. Ова одобрување е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран, “ се вели во соопштението на приватната болница „Жан Митрев“.
Во него се наведува дека примената на хемофилтрацијата во пандемија нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот.
Ќе има ли одговорност за случајот „Нечиста крв“?
Обвинители, здравствени инспектори и претставници од Агенцијата за лекови почнаа да ја истражуваат работата на приватната клиника “Жан Митрев“, по документарниот филм „Нечиста крв“на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ), во кој откриваат дека Клиниката на кардиохирургот вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти.