Наредба за отвораре на истрага против докторот и сопственикот на приватната болница Жан Митрев е донесена денеска, соопшти Основното јавно Обвинителство по распитот на осомничениот. Тој е осомничен за кривичното дело „измама на пациенти “. Обвинителството побарало од Основниот суд Скопје 1 да му биде одземен и пасошот како мерка за обезбедување на осомничениот.
Жан Митрев повикан на распит во Обвинителство
„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од ковид - 19 со методот на хемофилтрација“ се вели во соопштението од обвинителството.
Во соопштението е наведено дека надлежниот јавен обвинител, имајќи ги предвид околностите, до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка за обезбедување на осомничениот – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нова. Ваквата мерка е предложена заради неопходноста да се обезбеди присуството на осомничениот и за непречено водење на постапката. се вели во соопштението.
Претходно во соопштението од приватната болница „Жан Митрев“ е посочено дека хемофилтрацијата е само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите.
„ Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна. Ова одобрување е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран, “ се вели во соопштението на приватната болница „Жан Митрев“.
Во него се наведува дека примената на хемофилтрацијата во пандемија нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот.
Ќе има ли одговорност за случајот „Нечиста крв“?
Обвинители, здравствени инспектори и претставници од Агенцијата за лекови почнаа да ја истражуваат работата на приватната клиника “Жан Митрев“, по документарниот филм „Нечиста крв“на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ), во кој откриваат дека Клиниката на кардиохирургот вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти.