Здравствениот дом Тетово е државната институција која набавила автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја од парите за справување со пандемијата на коронавирус. Марката на возилото е Опел Кросленд Елеганс и чинело 1.286.200 денари или речиси 21 илјада евра. Договорот за негова набавка е склучен на 24 ноември, минатата година.
Набавката на возилото без да се прецизира за каков модел се работи и за чии потреби беше посочена во извештајот на Центарот за граѓански комуникации-ЦГК за набавките за Ковид-19 во 2021 година.
Извештајот на ЦГК покажува дека јавните набавки поврзани со Ковид-19 „изобилуваат со проблеми и ризици од корупција“. Како јавни набавки за Ковид-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со кризата, стои во извештајот.
Видете и ова: Со кожен волан и шест звучници полесно се лекува ковид-19Во техичката сепцификација меѓудругото е наведено дека автомобилот треба да има и 7 инчен екран осетлив на допир, мултимедиа, радио, блутут, усб, како и сензор за дожд и греење на надворешни ретровизори.
Возилото, според тендерската документација ќе се користи за патронажа и вакцинација. Инаку само Здравствениот дом Тетово набавил возило од парите за справување со пандемијата. Останатите тендери на институциите најчесто биле за набавка на заштитна опрема, лекови, тестови, медицински санитетски потрошен материјал, средства за хигиена и дезинфекција.