Петрески - Со парите од даноци да има развој, а не да завршат во нечиј џеб

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Против сивата економија со помали даноци и со поефикасни инспектори

Граѓаните ќе плаќаат поголеми даноци, но сакаат парите да завршат во развојни цели, а не кај поединци или групи, односно да имаат подобри и поквалитетни услуги, вели Благица Петрески од Фајнанс тинк во интервју за РСЕ. Таа зборува и за сивата економија и каматните стапки.

Госпоѓо Петрески, министерот за финансии Фатмир Бесими најави даночна реформа среде економска криза, која се најавува дека ќе се продлабочи оваа зима. Што може да се постигне со оваа даночна реформа?

Најпрво треба да разгледаме неколку аспекти за потенцијалната даночна реформа. Тоа се фискалните капацитети, моменталните економско-политички опкружувања, очекувањата на даночните обврзници и на крај консултативниот процес. Сметам дека постои општ консензус дека се потребни одредени прилагодувања во делот на даночните политики и во даночниот систем. Фискалниот простор е лимитиран, а забележуваме дека пристапот до финансии на меѓународните финансиски пазари станува заострен, дури и оној дел на позајмување од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Од друга страна даночните обврзници, исто така, се соочуваат со неизвесности заради енергетско-економската криза, а дополнително на тоа очекувањата се дека поголемите приходи треба да испорачаат подобри и поквалитетни услуги за оние кои ги плаќаат.

Сметам дека доколку гледаме од искуството во овој дел ние имаме значајни потфрлувања и можеби затоа постои цел овој револт кон какви било промени што настануваат.

Видете и ова: Што ќе добијат хонорарците за парите што ќе им ги земе владата?

Доколку погледнеме на делот на консултативниот процес, тој за даночната реформа веќе е започнат, меѓутоа ние официјален документ со детали како ќе изгледа таа даночна реформа не можеме да погледнеме и мене ми е многу жал, што во ова интервју јас треба да коментирам изјави и интервјуа од министерот за финансии или да се информирам преку луѓе кои учествувале на потенцијалната презентација во Министерството за финансии.

Владата очекува со даночната реформа и зголемување на даноците да ја намали сивата економија, која според последното ваше истражување изнесува над 23 отсто. Како може да ја зголеми наплатата на даноците, има ли план владата?

Сивата економија е еден значаен извор на финансии каде што Владата во следниот период ќе треба да посвети поголемо внимание и од тука да црпи дополнителни извори на средства. Во истражувањето кое го направи Фајнанс тинк покажа дека најголемо намалување кај сивата економија се постигнало во 2008-та година со преминот од прогресивен кон рамен данок. И да бидеме јасни можеби тоа намалување не е заради преминот од прогресивен кон рамен данок, туку многу повеќе заради општото намалување на даноците во делот на личен доход. Тоа е еден аспект, доколку не интервенирате преку даночните стапки, вториот аспект на интервенција и справување со сивата економија да ги зајакнете административните капацитети, пред се капацитетите на инспекторатите за борба против неформалната економија.

Тука треба да го напоменеме и даночниот морал, односно убедувањето на даночните обврзници дека – да ќе плаќам поголеми даноци, но тие средства ќе завршат за развојни цели, а нема да завршат за цели на поединци или на мали интересни групи.

Видете и ова: Зголемените даноци ќе ги дотепаат фирмите што едвај ја преживеаја ковид-кризата

Министерот за финансии Бесими вели во земјава има најмално остварување на даночни приходи споредено со ЕУ. Како да ја зголеми наплатата со толку висока корупција, најниски плати во Еворпа, високо загадување, лоша инфраструктура, катастрофално здравство и образование...?

Точно е дека даночните приходи од Бруто домашниот производ во земјава се меѓу пониските, меѓутоа тоа не е заради ниските даночни стапки, тоа е пред се заради сивата економија. Доколку ги ставите во сооднос овие даночни приходи во однос само на оној формален дел од Бруто домашниот производ тие соодноси ќе стигнат дури до 40 проценти и на таков начин ние се доближуваме, односно сме на слично ниво како земјите од Вишеградската група. Тоа е првиот аспект е што тоа зафаќање не е воопшто мало, меѓутоа вториот аспект е што ние постојано се споредуваме со високо развиените земји и земјите од ЕУ и таквата споредба е дегутантна. Зошто? Затоа што тие земји се целосно на друго ниво на развој во однос на нашата земја која има сосема други предизвици.

Сметам дека пред да дискутираме за секундарните распределби треба да размислиме како да го зголемиме основниот колач, а тоа е Бруто домашниот производ. Таквото постигнување не е едноставно, потребни ни се сериозни структурни реформи коишто ќе овозможат повисоки постигнувања во образованието, повисок квалитет на здравствени услуги, и севкупно повисоко ниво на развој и успешност на земјата. Ние во тој дел исклучително каскаме, во имплементацијата на таков тип на капитални проекти. Па само еден пат, да не спомнуваме кој, ние не можеме да го завршиме на ефективен и на ефикасен начин. Од тука сметам дека прво мора да ја подобриме продуктивноста, да го зголемиме вкупното ниво на Бруто општествен раст, а потоа да дискутираме за ваков тип на распределби.

Народната банка ги зголеми каматните стапки за да ја забави инфлацијата. Кога може да се очекуваат ефектите од овие мерки?

Очекувањата се дека ќе постои одредена стабилизација во делот на инфлацијата во периодите коишто следат, затоа што пред се постои договор помеѓу Русија и Украина за извоз на жито, каде што Турција посредуваше и тоа е еден значаен момент. А втор аспект е, веќе од август месец ние ќе имаме повисока споредбена основа во делот на стапката на инфлација. Сепак би сакала да напоменам дека моменталните економски околности се исклучително тешки и неизвесни, особено не се знае што ќе се случува во делот на цената на енергенсите и како севкупно и Европската унија ќе се справува во овој дел.

Целото интервју со Благица Петрески од Фајнанс тинк можете да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.