Ако Владата не ги усогласи сите плати со растот на минималната од 18,4%, ќе се пристапи кон радикализирање на штрајкот на работниците, најави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски.
Во вечерашното гостување во ТВ Сител тој истакна дека во тек е штрајкот во јавниот сектор, а радикализирање ќе има во септември, бидејќи според Владата, законот им овозможува до септември да ги усогласат платите.
„Како социјални партнери, на 1 мај последен пат остваривме средба со владини претставници, каде што ни беше ветено дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе даде по 2.860 денари со ребалансот на буџетот. Видовме во ребалансот на Буџетот, министерот за финансии Бесими тоа го нема предвидено туку почнаа од ракав да се делат некакви покачувања. Затоа, ние од септември ќе радикализираме доколку не се случи ова покачување“, истакна Димовски.
Приота најави дека од септември на улица ќе ги повикаат работниците и од приватниот и од јавниот сектор, бидејќи како што рече, Законот е ист и треба да важи за сите .
Минатиот месец од Сојузот на синдикати на Македонија најавија поднесување колективна тужба поради непочитување и неусогласување на колективните договори со Законот за минимална плата како и отсуството на социјален дијалог.
Генералниот штрајк во јавниот сектор почна на 22 јуни со барања за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ за сите вработени согласно зголемувањето на минималната плата, потпишување на Општиот колективниот договор и исплата на К-15.