Западните земји се согласија да продолжат со долгорочното финансирање за да и помогнат на украинската војска да продолжи да се бори, речиси 5 и пол месеци откако Русија ја нападна Украина, велејќи дека досега се ветени 1,5 милијарди евра и дека сумата ќе расте.
Парите се за зајакнување на производството на вооружување, вклучувајќи артилерија и муниција, како и за развивање и зајакнување на обуката на украинските војници и помагање на напорите на Украина за деминирање.
„Сите земји што дојдоа во Копенхаген дојдоа со намера да ја поддржат Украина“, рече данскиот министер за одбрана Мортен Бодсков на крајот од еднодневниот состанок на 26 земји и Европската унија.
Британскиот секретар за одбрана Бен Валас рече дека средбата докажала дека „амбицијата на Путин (западот да ја изгуби подготвеноста да ја поддржи Украина) не успеала.
„Сè уште сме решени“, рече Валас.
Во 1,5 милијарди евра беа вклучени донации од Велика Британија, Данска и Норвешка, но помошта „ќе расте“, рече Бодсков, додавајќи дека „некои од земјите треба да се вратат дома и да добијат поддршка од нивните парламенти“.
Тој им се заблагодари на Полска, Словачка и Чешка за сигнализирањето на „подготвеност да се прошири производството на артилериски системи, муниција и друга опрема“.
На конференцијата Норвешка најави дека ќе помогне во обуката на украинските војници во Велика Британија, како што претходно истото го потврдија Шведска и Финска. Исланд ќе помогне на напорите за деминирање во Украина „со обука на тренери“, рече нејзиниот министер за надворешни работи.
Во пренос во живо, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните нации да обезбедат повеќе пари, велејќи дека „колку побрзо ја запреме Русија, толку побрзо ќе се чувствуваме безбедни“.
„Ни треба вооружување, муниција за нашата одбрана“, рече тој.
Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников, кој присуствуваше на конференцијата, одби да даде детали за тоа какво оружје ќе добие неговата земја.
Конференцијата каде заеднички домаќини беа Данска, Велика Британија и Украина, уследи по состанокот во април во американската воздухопловна база во Германија, на кој беше формирана Контакт група за одбрана на Украина, предводена од САД, која ја координира меѓународната воена поддршка за Украина.
Киевската школа за економија вчера објави извештај во кој се проценуваат трошоците за воените штети на инфраструктурата на Украина на повеќе од 110 милијарди долари. Во извештајот се вели дека 304 мостови и повеќе од 900 здравствени установи биле или уништени или оштетени.