ДИК го утврди гласачкото ливче и дозволи повеќе пари за дополнителните локални избори

Плакати во пресрет на претстојните локални избори за советници во Тетово

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ја усвои Предлог-одлуката за измена и дополнување на финансискиот план за распределба на средства за изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово.

Како што појасни потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, потребата од од промената на финансискиот план дошла поради високите понуди.

„Според барањата кои ни пристигнаа од Комисијата за јавни набавки, пристигнати се понуди повисоки од финансискиот план, кој ДИК го усвои претходните избори. Бидејќи немаме време да објавуваме нови постапки, треба да донесеме одлука за измени и дополнување на финансискиот план. Се работи за три ставки, и тоа во делот на паравани, гласачки ливчиња и беџови за набљудувачи. Во делот за беџови на набљудувачи треба да додадеме 5.000 денари, за паравани 30.000 денари и за гласачки ливчиња околу 600.000 денари“, соопшти Шеху.

Таа истакна дека за одреден дел на постапки имаат само еден понудувач.

ДИК ги усвои и барањата за акредитација на набљудувачи на изборите, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.

Изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово треба да се одржат на 20 август. Во првите две општини поради немање доволно гласачи, граѓаните не успеаја да изберат градоначалници. Во Тетово пак Владата на донесе решение за распуштање на Советот поради тоа што до 31 март не ја усвоил завршната сметка за 2021 година.