Руската воздухопловна база на анектираниот украински полуостров Крим претрпе масовно уништување во неколку експлозии на 9 август, покажуваат сателитски снимки. Воздухопловната база Саки на руската морнарица во близина на селото Новофедоривка загубила најмалку девет воени авиони, вклучувајќи ловци СУ-30СМ и бомбардери СУ-24М, покажува анализата на РСЕ на снимките објавени од Планет Лабс. Уништени се и неколку згради на базата во кои можеби имало муниција. Русија ја користи воздухопловната база Саки, која се наоѓа на западната страна на Крим, за редовно да напаѓа на украинска територија откако започна инвазија на земјата на 24 февруари. Не се знае точната причина за експлозиите на 9 август.
Во експлозии на воен аеродром во Крим загина 1 лице, 5 се повредени
Неименувани украински официјални лица изјавија за американските медиуми дека нивните вооружени сили се одговорни за експлозиите, но не дадоа дополнителни детали. Руското Министерство за одбрана негираше дека базата била нападната, обвинувајќи ги за експлозиите „прекршување на правилата за заштита од пожари“. Сепак, сателитските снимки од 10 август покажуваат неколку големи кратери со слична големина што укажува дека бил погоден од повеќекратни удари. Воените аналитичари го нарекоа уништувањето огромен удар за Русија и психолошка победа за Украина. Според сателитските снимки на 9 август во базата имало дури 30 воени авиони.