Тешка сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, повредени 29 мигранти

Илустрација - Архивска фотографија од екипа на сообраќајната полиција на терен

Тешка сообраќајна несреќа се случила вечерва на патот Удово-Гевгелија, во која, според првичните информации на МИА, се повредени триесетина мигранти.

„Добивме повик за повредени поголем број на мигранти, 29 лица. Наводно, биле сместени во камион, околу педесетина биле, такви ни се првичните информации, рекоа од Брза помош Кавадарци. Кавадаречката итна медицинска помош била повикана да интервенира и да прифати дел од повредените, исто како и неготинската“, објави МИА, повикувајќи се на потврда на информацијата од службите за брза помош од Кавадарци и од Неготино.

Видете и ова: Цвета „бизнисот“ со мигранти низ Македонија, загрижува корупцијата

Кавадаречката служба испратила едно болничко возило. Цела екипа со санитетско возило биле испратени и од Брза помош Неготино, а службата била подготвена ако треба и дополнително да интервенира. Од МВР за МИА потврдиле дека вечерва околу 18 часот пријавено било дека товарно возило излетало од патот на клучка од селото Марвинци кон М1, на регионалниот пат Гевгелија – Демир Капија.
„Утврдено е дека се работи за товарно возило сканија со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Ова е првично. Утре ќе има официјално“, изјавиле од МВР за МИА.