Од Трамп до цар Симеон
КИНА - Научниците следат нов вирус од животинско потекло во источна Кина, кој заразил најмалку неколку десетици луѓе, јавува Би-Би-Си. Кај 35 пациенти во провинциите Шандонг и Хенан е пронајден нов хенипавирус Лангија (LayV). Многумина имале симптоми како треска, замор и кашлица. Се верува дека вирусот го добиле од животни. Засега, нема докази дека (LayV) може да се пренесе меѓу луѓето, а истражувачите го откриле вирусот претежно кај животното ровчица. Откривањето беше истакнато во писмо напишано од истражувачи од Кина, Сингапур и Австралија и објавено во „New England Journal of Medicine“ овој месец.
САД - Американското Министерство за правда подигна обвинение против член на елитната иранска Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) во врска со обид за убиство на поранешниот советник за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон. Одделот за правда ги објави обвиненијата против 45-годишниот Шахрам Пурсафи, познат и како Мехди Резаи од иранскиот главен град Техеран во соопштението објавено денеска.
МАКЕДОНИЈА - Министертво за надворешни работи вечерва соопшти дека нема информации за евентуално учество на македонски државјани во војната во Украина. Соопштението доаѓа по објавени информации во медиумите, во кои се цитира руското Министерство за одбрана, дека меѓу странските платеници кои се борат на украинска страна имало и 72 граѓани на Северна Македонија.
САД - Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп денеска изјави дека се повикал на Петтиот амандман и дека нема да одговара на прашања пред државниот обвинител на Њујорк во истрагата за неговите зделки со недвижнини. Утрото денеска Трамп дојде во канцеларијата на државната обвинителка Летиција Џејмс, но по еден час изјави дека одбива да одговори на прашањата во согласност со правата загарантирани на американските граѓани со Уставот на земјата.
ИРАН - Иранските власти ги предупредија производителите и продавачите на женска облека дека ќе ги затворат своите бизниси доколку продолжат да користат „светли“ бои во нивните производи. Во изјава за веб-страницата „Roydad24“, Маџид Емами, кој ја предводи Организацијата за мода и облека во Иран, го цитираше Министерството за индустрија и трговија дека производителите на женска облека би можеле да го изгубат правото да произведуваат наметки со отворена должина до колена - најчестото парче женска облека, која обично се носи преку кошула и со долги панталони или фармерки - ако не се држат до боите кои не се сметаат за „светли“, пренесува англискиот сервис на РСЕ.
УКРАИНА - Лидерите на седумте најбогати земји на светот Г7 денеска ја осудија руската окупација на нуклеарната централа Запорожје и ја повикаа Москва веднаш да и ја врати на Украина целосната контрола над централата. Украинскиот персонал што управува со централата „мора да биде во состојба да ги извршува своите должности без закани или притисок. Континуираната руска контрола врз централата му се заканува на регионот“, се вели во изјавата на министрите за надворешни работи на Г7, која ги вклучува Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.
АЛБАНИЈА - Првиот брод со товар од над 6.000 тони пченица од Украина денеска пристигна на пристаништето Драч во Албанија. Станува збор за турскиот брод „Јаохар Раним“ кој дванаесет дена пловеше од украинското до албанското пристаниште, а пченицата што ја носи треба да и биде доставена на компанијата во Тирана.
МАКЕДОНИЈА - На Клиниката за инфективни болести нема хоспитализиран пациент под сомневање за мајмунски сипаници. Во врска со пациентот кој се споменува во медиумите, според информациите од кичевската болница, станува збор за пациент кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, кај кого е дадена препорака за тестирање, соопшти денеска Министерството за здравство.
ПОЛСКА - Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Европската унија за империјалистичко однесување кон помалите земји-членки во авторски текст објавен на веб-страницата за весникот Велт. „Политичката практика покажа дека позициите на Германија и Франција значат повеќе од сите други“, напиша Моравјецки за германскиот медиум, повикувајќи на пристап заснован врз повеќе консензус. „Значи, имаме работа со формална демократија и де факто олигархија во која најсилните ја имаат власта“, наведува тој, додавајќи дека мора да има борба против империјализмот на ЕУ, како и со рускиот империјализам.
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од регистрaцијата на Здружението Цар Борис III Охрид и од леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза. „Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величење на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи?!“, се наведува во соопштението во кое се додава дека името цар Борис III е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна.
РУСИЈА / САД - Бројот на веб-страници кои шират руско-украинска дезинформација е повеќе од двојно зголемен откако кон крајот на февруари стартуваше неиспровоцираната инвазија на Русија, вели NewsGuard група со седиште во Њујорк која ја оценува доверливоста низ медиумите. NewsGuard соопшти дека неговите експерти идентификувале 250 веб-страници кои објавуваат дезинформации поврзани со овие две држави, наспроти 116 во март. Се вели дека дигиталните платформи како Гугл, Твитер, Фејсбук и ТикТок воведоа „привремени мерки во некои земји против познатите руски пропагандни медиуми како што се RT и Sputnik News, откако Европската комисија забрани дистрибуција или рекламна поддршка за нив, финансирани од Кремљ.
САД / ШВЕДСКА / ФИНСКА - Американскиот претседател Џо Бајден потпиша документи за ратификација со кои се одобруваат кандидатурите на Финска и Шведска за влез во НАТО. Бајден рече дека очекуваниот влез на двете нордиски земји во Алијансата откако ќе ја добијат поддршката од сите 30 членки ќе биде „момент на пресврт“ за НАТО и „за поголема безбедност и стабилност не само на Европа и САД, туку и на светот“. Бајден ги потпиша документите - формално наречени инструмент за ратификација - на церемонија во Белата куќа на 9 август. Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина. Тие ги завршија пристапните разговори со Алијансата во минатиот месец.